Daily Events News Network_Site Logo_Original Size_2025

Ежедневни събития от Северна Македония

Последните новини от Северна Македония на Български


Подвижен Музеј: Животот во Прилеп не може да се замисли без театар

Во Прилеп се одржува театарски фестивал посветен на тројца великани на театарот, а паралелно се организира подвижен музеј кој ја раскажува нивната приказна низ фотографии и лични предмети. Музејот е посветен на Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристоски – Платнар.

Идејата на авторките Звонко Димоски и Ана Стојаноска е да се долови животот на овие уметници приватно и професионално, преку изложба на фотографии и артефакти на повеќе локации во градот. Овој настан претставува емотивна средба и за членовите на нивните семејства.

„Прилеп е тесно поврзан со својот театар, поточно животот во Прилеп не може да се замисли без театарот, навиките да се оди во театар, да се прераскажуваат театарските претстави, да се поздравуваат актерите низ чаршијата, гордоста на нивните успеси на фестивали и гостувања во и надвор од нашата земја. За разлика од другите медиуми, театарот не може да се зачува на соодветен начин освен преку пишани, снимени, фотографирани и раскажани податоци“, изјави Стојаноска.

Програмата „Прилеп во фокус“ овозможува на секој посетител да ја искуси сценско-изведувачката и аудиовизуелна значајност на Прилеп во однос на македонскиот театар.

Во рамките на фестивалот, Штипскиот театар гостуваше со претставата „Сите најубави нешта“ во режија на Нела Витошевиќ, а беше одржана и тркалезна маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.

Вечерва, во официјалната програма, ќе биде изведена претставата „Ричард III“ во режија на Куштрим Бектеши.

Денеска, ќе бидат промовирани нови претстави од наградите „Еуродрама“, а напладне ќе следи тркалезна маса за претставата „Сите најубави нешта“ на Штипскиот театар.

Патрони на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.