Университетското студентско собрание на УКИМ (Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје) јавно ја поддржува протестната акција „Марш за ангелите“, закажана за утре, 29 април 2025 година, во Скопје. Маршот е организиран од семејствата на жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Почетокот на протестот е предвидено да биде пред Јавното обвинителство во Скопје во 12:05 часот – време кое симболично го означува задоцнетата реакција. Од таму, колоната ќе продолжи кон градскиот плоштад, а потоа и пред Собранието.
„Како Универзитетско студентско собрание на УКИМ, сметаме дека е наша обврска, пред сѐ како граѓани, а потоа и како студентска заедница, да застанеме во сочувство и поддршка на оние кои претрпеле голема загуба и заедно да повикаме на одговорност и правда. Ја поддржуваме потребата од јасни одговори и итно преземање на одговорност од страна на институциите“, се вели во соопштението од Студентското собрание на УКИМ.
Тие ги повикуваат сите студенти, како и целата јавност, да се придружат на протестот.