Во Домот на културата „Биљана Беличанец“ во Кисела Вода се одржа промоција на „Археолошки азбукар“ и „Археолошки азбукар на Брајово писмо“, првите литературни дела од овој вид во Македонија и поширокиот регион.
Овие дела се наменети за деца и млади, а автори се професорите Антонио Јакимовски, Елизабета Томевска-Илиевска и Маја Јаневска.
Настанот беше реализиран со поддршка на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и Општина Кисела Вода, во соработка со Здружението Институт за европски образовни, социо-културни и економски политики ЕВРОПА ЗА ТЕБЕ Скопје и Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, Скопје.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека Општина Кисела Вода постојано се залага за еднакви можности и права за сите граѓани.
Според организаторите, овие дела имаат длабока образовна и културна вредност – тие го доближуваат археолошкото наследство до најмладите читатели на интересен, илустративен и инклузивен начин, вклучувајќи ги и оние со оштетен вид.
„Особена чест и задоволство ми е што денес, заедно со почитуваните професори Антонио Јакимовски, Елизабета Томевска-Илиевска, Маја Јаневска и пратеничката во Собранието на Македонија Катерина Димитровска, во Домот на културата „Биљана Беличанец“ заеднички промовираме едно навистина посебно и вредно издание – „Археолошки азбукар“ и „Археолошки азбукар на Брајово писмо“ – првата литература од овој вид за деца и млади кај нас и во поширокиот регион, поддржана од Кисела Вода. Нашата општина постојано се залага за еднакви можности и права за сите. Грижата за лицата со инвалидитет, а особено за лицата со оштетен вид, не е само обврска, туку и должност што ја исполнуваме со големо внимание и посветеност. Секоја година, на Денот на Брајовото писмо, ја продолжуваме нашата поддршка за учениците од Државното училиште за рехабилитација „Димитар Влахов“, со донирање книги напишани на Брајово писмо за нивната библиотека – затоа што веруваме дека знаењето и културата треба да бидат достапни за сите, без исклучок“, рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека поддршката за „Археолошкиот азбукар“ и неговото издание на Брајово писмо е во насока на нудење литература која е едукативна и инспиративна, која ги запознава децата со богатото археолошко богатство на земјата и ги поттикнува да се гордеат со своето културно наследство.
Градоначалникот посебно ја нагласи важноста на фактот што „Археолошкиот азбукар на Брајово писмо“ ќе им овозможи на децата со оштетен вид да имаат еднаков пристап до знаењето, визуелно адаптирано и внимателно подготвено според нивните потреби.
„Затоа, сето ова не е само промоција на книга – ова е потврда на визија, на вредности, на грижа и на инклузија. Ова е пример како културното и образовното може да се спојат во вистинска алатка за градење свест, идентитет и љубопитност кај младите“, заклучи Ѓорѓиевски.