Daily Events News Network_Site Logo_Original Size_2025

Ежедневни събития от Северна Македония

Последните новини от Северна Македония на Български


Почина Илинденка Петрушева виден филмски критичар и публицист

Почина Илинденка Петрушева, истакнат филмски критичар, публицист и долгогодишен уредник на филмското списание „Кинопис“. Таа почина вчера по кратко боледување, оставајќи зад себе огромно наследство во македонската кинематографија.

Петрушева беше клучна фигура во развојот на филмската култура во земјата, работејќи долги години во Кинотеката на Македонија. Кинотеката изрази длабоко жалење и сочувство до семејството, истакнувајќи дека институцијата изгубила искрен пријател и неуморен работник.

Родена на 4 август 1944 година во Горна Џумаја (Благоевград), Петрушева дипломирала етнологија на Филозофскиот факултет во Загреб, каде што изучувала и италијански и шпански јазик, како и историја и теорија на филм.

Својата професионална кариера ја започнала во Организацијата на младината во Скопје, а подоцна била избрана за уредник за филм, музика и литература во Младинскиот културен центар. Во 1974 година, таа е една од основачите на Кинотеката на Македонија, каде што останува до пензионирањето во 2009 година.

Петрушева беше активна во многу сегменти од кинематографијата, вклучувајќи историографски истражувања, развој на филмската култура, филмска критика и развој на аматерскиот филм.

Таа беше иницијатор за формирање на Кинотеката на Хрватска и активно учествуваше во организацијата на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Во текот на својата кариера, Петрушева беше член на жири на бројни домашни и странски филмски фестивали.

Во текот на 70-тите, 80-тите и првата половина на 90-тите години од минатиот век, таа беше член на Друштвото на филмските работници на Македонија (секција на филмски критичари) и во истиот период беше член на ФИПРЕССИ (Меѓународна асоцијација на филмски критичари).

Петрушева објавуваше филмски критики, коментари и есеи во бројни домашни и странски списанија. Беше главен уредник на списанието „Кинопис“ од 1989 до 2014 година.

Таа е автор на книгите: „Филмолошка библиографија 1944-1954“, „Филмографија на македонскиот аматерски филм 1935-2000“, „Сонце на директ – мали приказни за македонските филмски мечтатели“, „Време на игри и соништа – студија за аматерскиот филм во Македонија од 1935 до 2011“ и „Само сонот е стварност – од тетратката на еден филмолог“.

Петрушева е добитник на бројни награди и признанија, меѓу кои „Почесен медал“ на УНИКА (Меѓународна унија на аматерски филм), „Златна леќа“ на Кинотеката на Македонија и државната награда „11 Октомври“ за животно дело.