Македонскиот народен театар (МНТ) ќе учествува на 33-то издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица со две претстави од својот репертоар. Фестивалот се одржува од 8-ми септември, а МНТ ќе се претстави на 9-ти септември.
Публиката ќе има можност да ги види претставите „Народен пратеник“ и „Бели ноќи“ во Културниот дом „Антон Панов“.
„Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во режија на Егон Савин, ќе биде изведена во 20:00 часот. Претставата е добитник на Специјалната награда „Стерија“ за колективна актерска игра. Во претставата играат Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов, Тања Кочовска, Александар Михајловски (со снимен глас), како и ансамблот: Дејан Стамчевски, Синан Ракип, Скендер Бериша, Зекерија Алим, Мирослав Атанасовски, Мартин Китановски и Хусеин Халили.
„Бели ноќи“, камерна сценска адаптација според истоимениот роман на Фјодор Михајлович Достоевски, адаптирана и режирана од Ѕвездана Ангеловска, ќе биде изведена во 22:00 часот. Ова е копродукциски проект во кој учествуваат Ана Јовановска и Дамјан Цветановски. Претставата поставува прашања за соништата, љубовта и слободата.
Со овие две изведби, Македонскиот народен театар го потврдува своето значајно присуство на фестивалот „Ристо Шишков“, кој традиционално претставува еден од најважните културни настани за камерниот театар во регионот.