Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ е селектиран за еден од водечките независни филмски фестивали во светот – БАФИЦИ (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) 2025. Филмот ќе биде прикажан три пати пред фестивалската публика во Буенос Аирес, на 8, 10 и 11 април.
Мануел Рамирез, познатиот аргентински филмски критичар, кој е еден од програмерите на БАФИЦИ, и работи за реномираниот дневен весник „Pagina 12“, напиша за филмот: „Анимиран долгометражен филм од Македонија не е нешто што се гледа секој ден, но шармот на Јон Вардар против Галаксијата е далеку од тоа да биде само географска куриозитет. Оваа визуелна лудост – со своите меѓугалактички авантури кои наликуваат на халуцинација, откачени вонземјани и хумор со висока концентрација – се истакнува со својата рокерска храброст и заразна комичност. Филмот е како црна дупка која го вовлекува гледачот во својот хаотичен универзум, каде секое чудовиште е повик за бегство од нормалното и прослава на лудото и невообичаеното.“
Режисерот на филмот, Гоце Цветановски, изјави за фестивалот дека многу го почитува поради неговата храброст да прикажува филмови кои одат надвор од обрасците.
„За нас, оваа селекција е како да праќаме балкански вселенски брод во срцето на Буенос Аирес. Горди сме што ‘Јон Вардар’ ќе има можност да се сретне со отворена и љубопитна публика, каква што е аргентинската“, вели Цветановски.
БАФИЦИ (Buenos Aires Festival Internacional de Cine Independiente) се смета за најголем и најважен независен филмски фестивал во Латинска Америка. Годинава ќе се одржи по 26-ти пат. БАФИЦИ е познат по својата поддршка на авторскиот филм и за отворање нови хоризонти за независни продукции од целиот свет.
„Јон Вардар против Галаксијата“ е поддржан од Агенцијата за филм.