Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека до истекот на рокот на 01.09.2025 година, до регионалните единици и канцеларии на ДИК биле доставени вкупно 69 иницијативи за предлагање кандидатски листи за градоначалници на општини и за градоначалник на Град Скопје, како и 68 иницијативи за предлагање листи на советници за општинските совети и за Советот на Град Скопје од групи избирачи.
Според информациите од ДИК, поддршка со потписи за независни кандидати за градоначалници е обезбедена во Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Крива Паланка, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени, Струга, Дебар, Струмица, Радовиш, Брвеница, Свети Николе, Гевгелија, Демир Капија, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, Гостивар, Демир Хисар, Виница, Сарај, Центар, Аеродром, Карпош, Шуто Оризари, Арачиново, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани и за градоначалник на Град Скопје.
Исто така, потписи за независни листи за членови на општинските совети и Советот на Град Скопје се собирале во Пробиштип, Македонска Каменица, Куманово, Старо Нагоричане, Охрид, Дебарца, Прилеп, Долнени, Струга, Дебар, Босилово, Ново Село, Струмица, Тетово, Штип, Свети Николе, Лозово, Кичево, Македонски Брод, Кочани, Чешиново Облешево, Кавадарци, Битола, Могила, Ресен, Демир Хисар, Карпош, Сарај, Центар, Чучер Сандево, Кисела Вода, Зелениково, Студеничани и за Советот на Град Скопје.
Општинските изборни комисии (ОИК) ќе одлучуваат за потврдување на кандидатските листи. Листите на кандидати за членови на совет и листата на кандидати за градоначалник на општина, заедно со заверените потписи како предлог и целата останата документација согласно законските услови и согласно Упатството на ДИК за начинот и постапката на поднесување, примање и утврдување на кандидатски листи за локалните избори 2025, се доставуваат до ОИК најдоцна до 13.09.2025 година, до 24:00 часот.
Со листите на кандидати доставени од група избирачи се доставуваат и сите документи кои се бараат согласно Упатството за начинот и постапката за поднесување на прием и потврдување на кандидатски листи за локалните избори 2025 година, кое е објавено на официјалната веб-страница на Државната изборна комисија.