Daily Events News Network_Site Logo_Original Size_2025

Ежедневни събития от Северна Македония

Последните новини от Северна Македония на Български


Александра Јуруковска е добитник на наградата за поезија „Даница Ручигај“ на ДПМ

Александра Јуруковска е добитник на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра необјавена книга поезија за 2025 година, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Наградата и се доделува за нејзината збирка песни „Ткажалки“.

Одлуката ја донесе тричлено жири во состав: Лулзим Хазири (претседател), Весна Ацевска и Сузана Мицева (членови). Во образложението на жирито се вели дека Јуруковска се потврдува како поет со силен израз, јасен став и бескомпромисна искреност.

Ракописот „Ткажалки“ е избран меѓу 10 пристигнати ракописи, од кои седум биле од поетеси, а три од поети. Конкурсот беше отворен за членовите на ДПМ од 18 јули до 18 август.

„Ткажалки“ е книга што нуди катарза, но и потсетување дека зборот е единствената трага што може да ја надмине минливоста, стои во образложението на жирито.

Поетскиот јазик на Јуруковска во стиховите на „Ткажалки“ е ткаен претежно од зборови карактеристични за нашата модерност, но и со зборови што потекнуваат од нашата јазична традиција, бојадисувајќи ги стиховите со уникатна патина. Жирито посочува дека авторката извлекува постари и дијалектални зборови од народното говорно јадро, вешто вградувајќи ги во песните, со што го оживува и збогатува вокабуларот.

Александра Јуруковска е книжевен критичар, новинар и промотор на културата. Автор е на книгите „Ткаење на текстот“ (новинска критика; Силсонс, 2014), „Медиумскиот егзил на книжевноста“ (интермедијална студија; Авант Прес, 2018) и „2 минути и 40 реда“ (радио и новинска критика; ПНВ Публикации, 2020). Член е на ДПМ од 2019 година.

Наградата „Даница Ручигај“ го слави споменот на една од првите модерни македонски поетеси, која трагично загина во скопскиот земјотрес во 1963 година. ДПМ го востанови ова признание во 2015 година.

Наградата се состои од плакета и објавување на наградениот ракопис, а доделувањето е закажано за 24 септември во просториите на Друштвото на писателите на Македонија.